Monday, 9 October 2017

Марсеј 1934

На денешен ден , 9 Октомври 1934 година во францускиот град Марсеј од страна на ВМРО е организиран атентат, атентат кој важи за најголем настан помеѓу двете светски војни а тоа е убиството врз кралот Александар Караѓорѓевиќ извршено од страна на атентаторот на ВМРО Величко Димитров Керин, познат како Владо Шофера или Владо Черноземски.
Овој атентат важи за еден од најдобро организираните атентати во XX век и претставува врвот на сите убиства извршен од страна на ВМРО.

Покрај ВМРО во овој атентат се вклучени и членови на УХРО, кои биле обучувани од страна на искусните атентатори на ВМРО, како дел од сојузот помеѓу овие две организации во заедничката борба против Кралството Југославија.
Како потенцијален помогател на овој атентат е официална Италија, која имала исто така интерес за ширење на своите територии за сметка на кралството Југославија.


Посетата започнала со бавно придвижување на поворката среде толпата од народ, која се создала за да го види високиот гостин од Југославија. Автомобилите се движеле со брзина од околу 4 км на час, наместо со предвидените по протокол, 20 км на час, што се практикувало при возењето на секој владетел. Однесувањето на луѓето во толпата било смирувачко и не постоеле било какви знаци дека може нешто да се случи. Поворката со автомобилите се движела на средината на улицата помеѓу трамвајските шини. Состојбата укажувала на тоа дека критичните моменти и стравувањата за атентат биле неоправдани.

Часовникот покажувал 4 и 20 минути попладне и поворката автомобили веќе се наоѓала пред зградата на берзата во градот кога од толпата луѓе излегол еден човек. Полковникот Пиоле, еден од обезбедувањето на поворката, во тој момент се обидел да го сврти коњот за да се врати и да го заштити автомобилот во кој се наоѓал кралот Александар од таинствениот напаѓач.

Меѓутоа напаѓачот бил побрз од него и успеал да се искачи на платформата на кралскиот автомобил и да се најде непосредно пред самиот крал Александар Караѓорѓевиќ. Потоа настаните се случувале со огромна брзина. Атентаторот извадил револвер и испукал два куршуми во градите на кралот, кој паднал на седиштето целиот облеан во крв. Следниот истрел го погодил во раката францускиот министер за надворешни работи, Луј Барту. Револверските истрели го исплашиле возачот Фуасак, кој го запрел автомобилот и побегнал, додека генералот Жорж кој седел пред кралот Александар се обидел да го онеспособи атентаторот, но бил погоден со револверски истрели, два во градите и по еден во секоја рака.

Потоа врз терористот скокнал и се обидел да го собори полицаецот Гали, но и тој бил застрелан. Тогаш полковникот Пиоле успеал да го скроти својот коњ и да го сврти кон атентаторот на кој му задал два удари со сабјата, додека во исто време кон него започнале да пукаат и другите полицајци од обезбедувањето. Во општата пукотница што настанала биле убиени и неколку луѓе од масата што се собрала да го пречека југословенскиот крал.

После овие настани се случило панично бегство на толпата луѓе, при што настрадал атентаторот. Во тие критични моменти полицијата успеала да фати едно лице кое се упатило кон кралскиот автомобил, а под сомнение дека тој бил убиецот на кралот Александар. Во полицијата тој бил подложен на физичко малтретирање за да на крајот се воспоставило дека несреќникот сакал да им пружи прва помош на ранетите, по што бил пуштен. Според друга верзија фатениот човек бил вистинскиот атентатор на кралот Александар и бил однесен во полициска станица каде бил испитуван и физички малтретиран, по што тој ги замолил нив да го остават него, а да им помогнат на ранетите кои настрадале при обидот за атентат.


При прегледот на личните работи на атентаторот, полицијата во неговите алишта пронашла чехословачки пасош на име Петер Келеман, како и револвери од марката "Маузер" и "Валтер" и бомба. При аутопсијата на неговата десна рака била пронајдена тетоважа со иницијалите на ВМРО, череп, вкрстени коски и паролата Слобода или смрт. Атентаторот бил погребан на 12 октомври на гробиштата во Марсеј и неговиот гроб не бил одбележан.

При обдукцијата на телото на атентаторот има веројатност дека бил пронајден куршум за кој се сметало дека веројатно бил истрелан од неговиот соучесник од усташкото движење, Мијо Крал. Тоа било договорено пред извршувањето на атентатот за да не проговори нешто во врска со неговото планирање во случај да биде фатен од страна на француските власти. Смртта кај атентаторот настанала од тој куршум, без да може да ја голтне отровната ампула која ја имал во неговата уста и која исто така ја чувал за да не биде жив фатен по атентатот.

Владо Черноземски бил назначен од страна на раководството на ВМРО да ја изврши оваа тешка задача поради неговата храброст и големиот број на атентати што пред тоа ги имал успешно извршено благодарение на неговата умешност во ракувањето со оружје.

Со овој успешен атентат ВМРО ја покажала својата моќ, а и силно одекнала низ Европа идејата за слободна и независна Македонија.
Убиството на кралот Александар претставува круна на целата борба на Македонците за ослобудвање од тиранијата на Кралството Југославија.

БУКЕТ ЗА КРАЛОТ !



No comments:

Post a Comment