Wednesday 7 June 2017

Унгарска револуција


Унгарска револуција од 1956 или Унгарско востание од 1956 (унгарски: 1956-os forradalom или 1956-os felkelés) — национален револт на унгарската младина против унгарската влада и нејзините политики наметнати од СССР, кој траел од 23 октомври до 10 ноември 1956 година. Иако револтот започнал без предводник, тој прераснал во првата голема закана кон советската контрола,како и на советските интереси во Источна Европа.

Револтот започнал како студентски демонстрации што привлекле илјадници лица кои марширале низ центарот на Будимпешта до зградата на парламентот, разгласувајќи на улиците од комбе со помош на звучници преку Радио Слободна Европа. Студентска делегација се обидела да влезе во зградата на унгарското радио со намера јавно да ги објават студентските барања, но била задржана. Кога било побарано ослободување на студентската делегација од страна на лицата кои однадвор демонстрирале, Државната безбедносна полиција отворила оган од внатрешноста на градбата. Еден студент починал, бил завиткан во знаме и држен над толпата. Со овој настан започнала револуцијата. Со раширувањето на вестите, неред и немири започнале низ целиот град.

Револтот набргу се проширил низ цела Унгарија и владата се распаднала. Илјадници лица воено се организирале и започнале да се борат против Државната безбедносна полиција и советските трупи. Просоветските комунисти и членовите на Државната управа за безбедност биле убивани или затворани, а поранешните затвореници ослободувани и вооружувани. Радикалните импровизирани работнички совети се избориле за локална контрола од владејачката Унгарска работничка народна партија и побарале политички промени. Новата влада формално ја распуштила Државната управа за безбедност, ја објавила својата намера за повлекување од Варшавскиот пакт и се залагала за возобновување на слободните избори. На крајот на октомври, борбите речиси сопреле и состојбата започнала повторно да се нормализира.

По објавувањето на готовноста за преговори во врска со повлекувањето на советските сили, Политбирото ја променило одлуката и решило да ја задуши револуцијата. На 4 ноември, советските сили навлегле во Будимпешта и другите подрачја на земјата. Отпорот продолжил до 10 ноември. Повеќе од 2.500 унгарски и 700 советски трупи биле убиени во конфликтот, а 200.000 Унгарци ја напуштиле земјата. Следните неколку месеци биле исполнети со масовни апсења и јавни оптужби. До јануари 1957, новоназначената влада од страна на СССР ја задушила севкупната опозиција во јавноста. Овие советски активности, иако ја зајакнале контролата над Источниот блок, предизвикале поделба меѓу марксистите во западните земји и придонеле кон значајно намалување на членството во комунистичките партии во овие земји.

Воената интервенција на СССР била стравична, улиците на Будимпешта биле исполнети со крвта на младите Унгарци кои се бореа за својата слобода и црвениот терор наречен комунизам.

Оваа битка на младите Унгарци ќе ја покаже слепоста на Западот за суровоста на СССР, се со цел да не се наруши рамнотежата и поделбата на интереси кои и ја имале САД и СССР воспоставено на Јалта.
Токму ваквата слепост и незаинтересираност на Западот, која вниманието на својата јавност ја одалечувала од Унгарската револуција и ја пренасочувале кон вештачко наметната Суецка криза, довело до тоа да европската јавност воопшто не биде запознаета со борбата на младите храбри Унгарци против црвениот терор.

Унгарската револуција ќе стане еден светол пример за пожртвуваноста на младите Унгарци, за нивната храброст и решителност да се борат за подобро утре на својата такотвина, за тоа како треба да се бори и живее еден млад нормален човек.

При создавањето на Третата унгарска република во 1989, 23 октомври бил прогласен за национален празник.


No comments:

Post a Comment